Фотограф
Непознат
Место
Битола
Моментална состојба
Активна црква
Црква Св. Недела Црква Св. Недела

Црква Св. Недела

Црквата Св. Недела е сместена на левата страна од северниот влез во Битола, веднаш до истоимените гробишта. Изградена во 1863 г. како и многу други цркви во тој период, и црквата Св. Недела е изградена со придонеси на занаетчиите од Битола. Објектот е трикорабна базилика со октогонална купола во средината и со две слепи куполи над централниот брод, како и певничка галерија на западната страна, и со дрвен иконостас во внатрешноста, кој што е од поново време. Еден од првите описи за новоизградена црква е на Јохан Хан, кој поминал тука во 1863 година и запишал: „На излегување од градот поминавме покрај нова, мошне пространа црква која токму тогаш ја градеа“. Во градбата биле користени камења и останат материјал од старите и запустени селски гробишта. Во дворот на црквата имало и бунар кој повремено бил користен и од дел од османлиската војска која била сместена на излезот од градот кај денешната населба Стрелиште.  Црквата е осветена на 13 октомври 1863 година од страна на владиката Венедикт. Од самиот почеток на градењето замислено било во оваа црква да се богослужи на словенски јазик, за што на неколку пати биле донирани и соодветни богослужбени книги. Сепак, ова докрај не се остварило и се вршело притисок да се богослужи на грчки јазик. Тоа резултирало со бојкот од страна на населението, кое на почетокот доаѓало во голем број, но со развојот на настаните сè поретко. Поголема маса на верници започнала да се слева дури по создавањето на егзархијата, кога во црквата започнало да се служи на разбирлив словенски јазик.
Во црквата е забележано постоење на два слоја живопис во централната купола. Постариот живопис бил работен во 1864 год. по порачка на еснафот на ќурчиите и е со грчки сигнатури, а поновиот е пресликан со словенски сигнатури кој не е датиран.
Во илинденскиот период црквата била место за бројни средби и договори на водечките дејци на организацијата, илегален канал за влегување и излегување од градот и место каде се криело оружје и муниција.  Интересно е да се одблежи дека црквата и нејзиниот двор често биле простор каде се организирале и разни прослави и веселби по повод христијанските празници. Бидејќи долго време недела бил пазарен ден, црквниот двор често се претварал во пазараште, каде свраќале трговци од подалечни места. Останал забележан податокот дека тука било едно од ретките места каде што можело да се купи свинско месо, бидејќи продажбата на свинско месо во градовите била забранета.
Во дворот на црквата Св. Недела се наоѓаат илинденските гробишта, каде се погребани и војводите Доне Крчаров, Димко Николов и Александар Турунџев. На гробиштата се погребани и многу значајни личности како Павел Шатев, Димко Сарванов – Могилчето, Кирил Лозанчев, Михаил Димев и други.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer