Фотограф
Непознат
Место
Битола
Моментална состојба
Постоечки објект
Јени џамија Јени џамија Јени џамија Јени џамија Јени џамија Јени џамија Јени џамија

Јени џамија

Јени џамија односно Кади Махмуд џамија е сместена наспроти Саат кулата, во центарот на Битола. Објектот претставува архитектонски бисер од врмето на владеењето на Сулејман Величенствениот.  Изградена е во 1558 година по нарачка на битолскиот кадија Махмуд-ефенди, на местото на постара џамиска зграда или врз остатоците од христијански храмови. Во истражувањата на објектот се откриени ѕидови од три цркви. Најстарата од VII век се верува дека е црквата Св. Ѓорѓија, втората црква е од XI, а третата од XIII век. Последната црква била срушена пред да се изгради џамијата за што нема податоци дали се случило со освојувањето на Османлиите или од други причини. Поради овој факт кај месното население постојат бројни легенди и преданија поврзани со христијанските објекти кои постоеле на тој простор.
Кадијата Махмуд-ефенди, откако бил назначен во судот во Битола во 1551-52 година, востановил вакаф за новата џамија која содржела дуќани, куќи, магази, анови и хотели. Во близина на џамискиот објект тој отворил медреса, а наоколу џамијата имала мали гробишта каде бил погребан битолскиот бекташки мистик Халил Баба. Џамијата во османлискиот период претставувала активно место за молитва, за што сведочи податокот дека во 1829 г. во едно судско решение се споменува дека новиот имам Хафизхалил-ефенди го наследил стариот имам Мола Исмаил. Над влезот на денешната џамија е сочувана мермерна плоча со османски турски натпис во кој се споменува реновирањето на џамијата во годините 1890-91 кога бил повторно изграден и проширен тремот на северната страна. Тогаш била реновирана џамијата од мајсторот-ѕидар Павле Ристиќ (Ристев) од Смилево и бил додаден нов трем со шест куполи. По наредба на тогашниот имам биле преупотребени мермерните сполии, а на надгробните камења натписите им биле исклепани, за со нив да биде поплочен просторот пред џамијата.
Џамијата има молитвен простор со димензии од 12,78 м. и 12,78 метри и купола висока 19 метри, и минаре високо 39 метри. Sидовите се градени од камен кој има пожолта нијанса, купола е поставена на осмоаголен тамбур преку тромпи на квадратната основа. Тремот е долг 14,20 метри, широк е 10 метри и е покриен со два реда по три куполи.  Ентериерот на молитвениот простор е декориран со сталактити по аглите со тромпи, и е осветлен со по четири реда на прозорци монументално изработени. Михработ е декориран со сталактитна геометриска орнаментика. Интересен елемент е дрвениот балкон за проповедникот - Махвил Муке бир, чиј влез е преку тунел низ ѕидот до минарето. Внатрешноста на големата купола со сталактитните тромпи, киблата со михработ, ѕидовите на молитвената одаја биле насликани со земјени бои во ал секо техника. Сцени од куранската небеска есхатологија, мотиви од светите места биле насликани во стилот на ќутахја школата. Но, за несреќа на почетокот на ХХ век, непознат италијански сликар ги пресликал со свои ведути.
Објектот денеска служи како галерија, и изминатите години беше подложен на темелна реставрација и конзервација во изведба на НУ Завод и Музеј Битола.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer