Хајдар кади џамија
Над вратата на џамијата стои натписот: „Од најправедниот од кадиите, нашиот господар Ајдар-кади. Нека Семоќниот Бог го благослови и му даде прекрасен престој во Рајот, Рај со пролетен шадрван. Тој ја изгради оваа џамија и пријатно место за богослужба само од името на Семоќниот Господар и сакајќи да биде задоволен од неа (од џамијата). Тој беше дарежлив добродетел. Година 969“
Џамијат била изградена во периодот 1561-1563 година од кадијата Ајдар од Битола. Била градена од градители од школата на најголемиот османлиски градител Мимар Синан и е позната како џамија „Принцеза на Балканот“. Џамијата била изградена од Ајдар-ефенди при неговото назначување за кадија во Битола. За издршка на храмот Ајдар-ефенди основал вакаф. Тој се состоел од дуќани, анови и куќи лоцирани меѓу Чира Пазар и затворот Ченгел каракол. Во 1607 година биле додадени и нови вакафи од везирот Ахмед-паша со годишен фонд од 60 000 акчиња и 9 000 акчиња приход. Кога во 1661 година Евлија Челебија ја посетил Битола запишал: „Ајдар-кади џамија е уметнички прекрасна градба за религиозна намена“. Џамијата имала и медреса, што била обновувана пет пати.
Храмот има голем квадратен молитвен простор 10,95 м. на 10,98 м. покриен со 20-метарска купола која лежи на дванесетаголен цилиндар. Пропорцијата од 1:2 ја акцентира височината на куполата. Ѕидовите се дебели меѓу 1,38 и 1,48 м. и се состојат од два реда тули и еден ред делкан камен. Последното е во суштина карактеристичен вид на градба кој го работела Синановата школа. Како сврзен материјал користен е малтер. Сличности можат да се најдат со Синан-пашината џамија во Бешикташ и Кара Ахмед-паша килије во Топкапи во Истанбул градени од 1550 до 1560 година. Внатрешноста на Ајдар-кади џамијата е богато осветлена од 12 цилиндрични и странични прозорци - по осум на секој ѕид, освен на ѕидот кон портикот, каде има само четири. Иако внатрешноста е многу оштетена, зачуван е оригиналниот михраб украсен со пет реда сталактити, додека махвилот и минбарот речиси ги нема.
За време на Првата балканска војна во 1912 година, џамијата била напуштена. Во текот на Првата светска војна минарето било погодено од артилериска граната и било срушено. По Втората светска војна, џамијата била прогласена за споменик на културата. Меѓу 1960 и 1961 година била направена повоена реставрација од страна на архитектот Крум Томовски. За жал во наредниот период храмот ќе биде запуштен и оставен на забот на времето. Внатрешноста била во прилично лоша состојба, безмалку руинирана. Единствено михработ бил зачуван во целина. Треба да се напомене дека дел од елементите биле изгубени пред реставрацијата извршена во 1960-1961 година. Тоа е последница на воените дејствија од Балканските и Првата светска војна, како и долгогодишната негрижа за објектот. Муралите биле ретки и во многу лоша состојба. На 12 мај 2014 година со поддршка на Република Турција започнала реставрацијата, конзервацијата и реконструкцијата на Aјдар-кади џамијата. Градежните зафати завршиле две години подоцна и на 4 ноември 2016 година Ајдар-кади џамија е свечено отворена. Денес таа заслужено го доби стариот лик, поради кој низ вековите го носела епитетот „Принцезата на Балканот“.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer