Хаџи Махмуд бег џамија
Џамијата на Хаџи Махмуд бег, познат уште и како Томрук ага, била изградена во 1521/22 година, во чаршијата каде според Евлија Челеби во 1661 година биле сместени чекрџиите. Била изградена во селџучки стил со кавадратна основа од 11,50 м. x 11,50 м. и минаре со полихромна декорација. Ѕидањето било изведено во декоративен стил со жолт камен, меѓу кој подредини во определена шема се ставени црвени тули. Објектот има 14 прозорци. Има внатрешна декорација која не е особено богата. Вистинската уметничка атракција на оваа џамијата е минарето кое е еден од ретките примери на градба од таков тип во Македонија. Објектот бил обновуван на неколку пати низ вековите, а последната османлиска реставрација и реновација била изведена во 1875 година. Џамијата, а особено медресата Туркелер особено настрадала за време на Првата светска војна, како резултат на едногодишното бомбардирање врз градот од 1916 до 1917 година. Еден дел од минарето се срушил во земјотрес во 1996 година. Денес, за среќа, отпочнат е процес на реновација и реставрација на џамискиот комплекс кој патем е единствениот поцелосен џамиски комплекс во Битола.
Интересно е што не се знае кој точно бил хаџи Махмуд. Според неговиот прекар Томрук ага, може да се протолкува дека бил некаков затворски чувар. Според други пак, бил еден од воините на султнанот Бајазит II, па затоа бил поставен за управник на градот. Основал вакаф што се состоел од сума од 30 000 кесиња со аспри (секое ќесе имало по 500 аспри), недвижен имот од 10 куќи и 10 дуќани. Медресата Туркле и анот биле дел од комплексот. Медресата и мектебот биле средиште на напреден културен и образовен живот во тоа време, со што самиот комплекс, допринел кон развојот на културата и науката во османлиска Битола. Во вакуфот исто така биле и селата Буково и Ореово, десет дуќани и два амами во Берат, во денешна Република Албанија. Иако вакуфот бил прилично богат, Мехмед Тефик кој пишувал во почетокот на XX век, говори дека во негово време од богатството на вакуфот не останало скоро ништо, благодарение на несовесните мутевелии.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer