Сунгур чауш
Сунгур чауш џамијата е една од најстарите џамии во Македонија, но и на Балканот. Ја изградил Сунгур Чауш-беј во 1434/35 година. Заедно со Хаџи Кам џамијата во Скопје (1420), тие биле едни од најстарите џамии на Балканот. Сместена на левиот брег на реката Драгор во близина на Овчи Пазар, била позната и како „Ески“, „Атик“ или „Солак“ џамија. Во суштина таа џамија е и зачетник чаршијата, бидејќи околу неа биле изградени 18 дуќани, ан и пазар. Во вакуфот, меѓу другото, имало 7 воденици со приход од 4 660 акчиња, амам со приход од муката, во висина од 8000 акчиња.
Според Мехмед Тефик, Сунгур Чауш-беј бил еден од војсководците на султанот Мурат II, кој потекнувал од овие краеви и како млад бил земен како данок во крв. Враќајќи се од војната против Скендер-бег, на Сунгур Чауш-бег му се допаднала положбата на Битола и го замолил султанот Мурат II да му дозволи да се насели тука. Желбата му била одобрена и еден од неговите први зафати бил обновувањето од темели на џамијата, која всушност била стара црква претворена во џамија. Во негова чест џамијата била наречена Сунгур Чауш-бег џамија.
Џамијата имала и голем вакуф. Според Поединечниот фискален пописен дефтер за Битолската нахија од 1467/68 дел од вакуфот на Сунгур Чауш бег било и селото Попложани кое било едно од најголемите села во тој период на предходно посочената територија. Вакуфското село Попложани имало годишен приход 15 500 акчиња од кои 5 500 акчиња биле давани за џизие (државен данок во Османлиската Империја што работоспособните немуслимански поданици го плаќале на државата). Вкупниот приход од сите вакуфи на Сунгур Чауш бег бил 28 960, а годишно 3000 акчиња. Расход имало за мутевелиите (управителите со недвижни и подвижни добра на факуфите), како и 4 320 акчиња расход за одржување на џамијата во Битола. Трошоци имало, исто така, и за имаретот (народната кујна) во градот Битола и за месџидите (мали џамии) во Видин и Одрин. Севкупно овие расходи изнесувале 28 070 ачкиња годишно, а преостанатите 890 ачкиња требало да се употребата за ситни поправки на објектите. Во комплексот на џамијата исто така постоела и медреса, која сè уште била активна во порвите години на XX век. Оттука се согледува дека, всушност, овој вакуф бил самодоволен и преживувал со овие средства што целосно биле насочени кон решавањето на социјалните проблеми на тогашното население.
Во текот на XIX век била опожарена и доживеала генерална реконструкција во 1863 година. Интересно е да се каже дека тоа се случило во периодот кога со вакуфот раководела жена по име Хајрие. Ракводењето на вакуф од страна на жена била сосема ретка појава и куриозитет во тогашната Османлиска Империја.
Џамијата била срушена во повоениот период, односно во 1956 година како дел од општата социјалистичка реизградба и модернизација на градот кога била градена улицата Иван Милутиновиќ. Иако се пружал силен отпор против оваа одлука и бил направен обид да биде зачувано како културно историски објект, сепак напорите биле без успех. При рушењето била пронајдена и Битолската плоча, епиграфски споменик од средновековието. Била пронајдена и масовна горбница, каде скелетите биле меѓусебе изврзани со синџири. Сето ова предизвикало особено голем интерес меѓу жителите на Битола. Со уривањето на џамијата еден голем дел од културно историското богатство на Македонија паднал како невина жртва на урбаната модернизација.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer