Офицерски Дом
Изградбата на објектото започнала во 1911 година, а целосно бил комплетиран за време на Кралството Југославија, во 1924 година. Објектот претставува редок пример на архитектура, со голема и одмерена архитектонска естетика, која покрај генерални стилски карактеристики, носи и печат на оригиналност и неповторливост. Карактеристични се еркерните балкони, покривната стреа и надвишувањето на четирите кули. Организацијата на фасадата е според правилото на вертикална симетрија, расчленета со хориозонтални декоративни делби. Се насетува влијание од „маварскиот“ стил, кој во периодот на XIX век најпрво влегува како влијание во Босна и Херцеговина. Појавата на овој историзам е реален во поглед на естетиката која е поблиска до турското население и муслиманската архитектура на арапскиот свет. Тоа се појавите на потковичестите, т.н сараценски лакови, сликовитост на фасадата и обилната пластична декоративност. Сепак, не може да се изостави познавањето на академизмот и класицизмот, според неговата потреба за апсолутна ориентација. Објектот е подигнат на цокле, со што се овозможува елегантно скалишно пристапување кон градината, но и осветлување на подрумските простори. Зградата е поставена во правец запад – исток, со димензии од 37,2 метра со 17,9 метри. Висината на венецот е 13,9 метри, а до самиот покрив има 17,3 метри.
Објектот служел на елитата на повеќе војски, како палата за свечени приеми, забава и одмор. Одржувани се безбројни балови. Влезот бил дозволен само за генерали и офицери. Македонската армија е последната која го користела објектот, а после АРМ, објектот стана запуштена руина. Карактеристично за ентериерот на овој објект е дека во 70-тите години на минатиот век, во него се пренесени остатоците на двата лустера од Офицерскиот дом во Скопје. Од нив бил создаден еден лустер, кој до денес стои во свечената сала.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer