Мустафа-пашина џамија
Мустафа-пашината џамија несомнено е една од најимпозантните исламски сакрални градби на Балканот. Лоцирана на возвишението спроти скопското Кале, таа доминира над целата околина. Доминантната положба како и монументалноста на џамијата овозможуваат таа да се види од сите страни на градот.
Од мермерната плоча над влезната врата се дознава дека комплексот од џамија, имарет, медреса и други објекти, биле задужбина на некогашниот заповедник на Скопје – Мустафа-паша. Тој извршувал високи државни функции во Турското Царство и бил везир на султаните Бајазит II (1481 – 1512) и Селим I (1512 – 1520). Поседувал голем имот во Румелија и четири села во околината на Скопје: Булачани, Црешево, Раштак и Батинци.
Џамијата била изградена 1492 година. Архитектурата на Мустафа-пашината џамија е едноставна и складна, со хармонични пропорции на архитектонските форми. Има квадратна основа и е покриена со купола со пречник од 16,3 метри. Куполата е поставенa на тромпи украсени со арабески од чијашто лева страна се наоѓаат мотиви насликани уште од времето на изградба на џамијата, додека на десната се наоѓаат понови мотиви и се без некоја поголема уметничка вредност.
Со истражување на пандантифите на источниот ѕид, откриени се остатоци на постаро сликарство со користење на руми орнаменти. Декорацијата е изведена со совршена точност во малакари техника, со што е постигната привидна длабочина на мотивот карактеристичен за традиционалната османлиска уметност од XVI век. Внатрешноста на џамијата е скромна, но сепак привлечна. На југоисточниот дел на молитвениот простор се наоѓа михработ од каде оџата го чита Куранот, а десно, веднаш до него е мимбарот од кој оџата чита празнични молитви. Лево и десно од михработ во кружниот простор со арабески се испишани имињата на Мухамед и на Алах, а јужно и северно имињата на калифите: Ебубекир, Омер, Осман и Али. Над влезната врата, од внатрешната страна се наоѓа еден вид галерија - махвил наменета за служба на муезинот. Објектот бил ѕидан со наизменични редови од клепан камен и два реда тули. Во џамијата се влегува преку трем изработен од бел мермер. Во неговиот преден дел се наоѓаат четири мермерни столбови меѓусебно поврзани со полукружни лакови кои ги носат трите помали куполи. На северната страна се наоѓа минарето восоко 47 метри. Изградено е од делкан бигор, малку побел од оној што е употребен за изградба на џамијата, а неговиот балкон, шерефе, се потпира врз сталактитни задебелувања и е изведен во мермер и украсен со орнаменти. Оградните плочи на овој дел се орнаментирани со шестокраки розети. Порталот на влезната фасада е врамен во богато профилирана правоаголна рамка чиј врв е украсен со венец. Целиот портал, висок околу 10 метри, се одликува со својата монументалност и претставува одраз на уметничкиот дострел во обработувањето на мермерот. На просторот помеѓу двата свода е поставен натпис предаден во проза и испишан со арапско писмо, кој зборува за времето на изградбата. Од текстот се дознава и дека објектот бил изграден на темелите на некоја средновековна црква. Влезната врата ја сочинуваат две дрвени крила со едноставна декорација работена во плиток рељеф. По вертикалната оска, секое од крилата, има по три, различни по големина, полиња меѓусебно разделени со метални нитни. На најгорните полиња рељефно се испишани текстови од Куранот со арапско писмо, а на другите делови од дрвените крила, се голема прецизност, се испреплетени геометриски мотиви изработени во кундекари техника.
Покрај џамијата, Мустафа-паша изградил и имарет од цврст материјал, со високи столбови што функционирал до 1912 година. Во овој комплекс имало и објекти за сместување на верските лица кои работеле во џамијата. Годината на смртта на Мустафа-паша (1519) е забележана на неговото турбе што се наоѓа непосредно до џамијата. Од сите објекти што влегувале во комплексот на џамијата зачувано е само турбето на Мустафа-паша и еден мермерен саркофаг во кој, се претпоставува, дека е погребана Уми, една од ќерките на Мустафа-паша. Во дворот пред џамијата се наоѓа шадрван што е изграден во 1933 година, врз остатоци од постар шадрван. Водата во него доаѓала од Скопска Црна Гора преку водовод што исто така бил изграден од Мустафа-паша кон крајот на XV век. Џамијата претрпела оштетувања со земјотресот од 1963 година. Во 1968 година била целосно реновирана при што ѝ е вратен некогашниот сјај. Последното обновување завршило во 2011 година.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer