Бугарска машка гимназија
Гимназијата била создадена со содејство на Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, во учебната 1899-1900 година кога класичниот одел при Солунската гимназија бил преместен во Битола. Директор на училиштето во 1899 година бил Антон Поп Стоилов. Објектот бил троспратна зграда со убаво уредени кабинети, и едноставно орнаментирана фасада. Во 1900 година зградата на училиштето била реновирана. Таа набргу станала револуционерно жариште каде се развила силна револуционерна дејност. Даме Груев се вработил како учител и формирал училишен кружок преку кој ја ширел револуционерната идеја. Во учебната 1899-1900 година во гиманзијата предавале Михаил Герџиков, Петар Мартулов, Васил Пасков, Јордан Бомболов и Мехмед ефенди. Под влијание на Македонската револуционерна организација дошло до училишен бунт. Поводот за започнување на бунтот во битолската гиманзија се случил при прославата на празникот Св. Кирил и Методиј на 23 мај 1899 година. Митрополитот Григориј одржал беседа за браќата Кирил и Методиј, а по него се обратил и в.д. директорот Стоилов, меѓутоа тој бил насилно прекинат од учителот по историја Иван Цоков. Тој во своето обраќање ги искритикувал претходните говорници и побарал: „црковните книги да се преведат од црковнословенски на месниот дијалект“. Бунтот довел до целосна блокада на гимазијата и пансионот. Затоа, митрополитот Григориј побарал вилаетската полиција да интервенира, но до тоа не дошло. Меѓутоа, бидејќи и учителите биле замешани, Егзархијата го суспендирала целиот учителски кадар во Битолската гимнзија, а со посебно циркуларно писмо под број 2784, од 24 август 1899 година, засекогаш исклучила 18 ученици од сите егзархиски училишта. Есента 1902 година наставник по бугарски јазик и литература бил Крсте Мисирков. Други професори биле Атанас Јаранов - историчар, Панчо Здравев - математичар, Емануел Љапчев, наставник по турски јазик, и Парашкев Цветков по музика. Во учебната 1909 година бројот на дипломираните ученици во битолската класична гимназија бил 194, а само 16 лица се избркани од различни причини. Објектот денес не постои.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer