Мурат-пашина џамија
Џамијата се наоѓа речиси во самиот центар на Старата скопска чаршија, во непосредна близина на Чифте-амам. Објектот, освен минарето, е релативно нова градба, а архитектонски му припаѓа на стилот на османлискиот барок со неокласицистички исламски елементи. Мурат-пашината џамија лежи на друг, постар објект. Се смета дека постарата џамија ја изградил Ибни (Велед-и) Шахин, (таткото на Мурат-паша) според кого и маалото го добило своето име. Сегашниов објект е еднопросторна четириаголна џамија, покриена со покрив на четири води. Нејзиниот дрвен касетиран таван, заедно со махвилот, михработ и мимберот во внатрешноста се типични примери на османлискиот барок. Од нејзината десна страна се издига високо минаре, кое по стилот и начинот на градењето му припаѓа на постар период и се разликува од денешната градба на џамијата.
Годината на нејзината изградба се дознава од натписот на мермерната плоча поставена над влезната врата. Според него, џамијата темелно била обновена во 1802/3 година од страна на некој заслужен валија на Скопје. На ова место постоела постара џамија со зачувани елементи од подот и остатоци од ѕидови. Освен главниот влез, пред кој се наоѓа шадрван, оваа џамија има влез и на северната страна. Денешната џамија била обновена 1982 година од страна на Одборот на исламската заеница во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer