Рифаиското теќе во Скопје познато уште и како Хазнедар-баба, е централно теќе за припадниците на рифаискиот дервишки ред во кое со векови ги извршуваат своите верски обреди. Рифаи теќето е основано во 1818 година. Основачот на теќето Мехмед-ефенди, син на Исмаил по потекло од Тетовско во Скопје завршува медреса, а потоа работи како финансиски службеник од каде го добива и прекарот „хазнедар“ т.е. благајник. Се запознава со арапинот шејх Сејид Хаџи Хатифи, припадник на рифаискиот ред и станува негов дервиш. Од него ја примил и шејховската диплома или хилафетнаме. Набрзо купил куќа и ја претворил во теќе, а 1818 година го увакуфил, доделувајќи му на неговиот вакуф 4 дуќани, и тоа по еден абаџиски и бакалски и 2 ковачки, сите во негова приватна сопственост. По ова заминал на поклонение, но малку по враќањето, во 1822 година Шејх Мехмед Хазнедар-баба умрел. Гробот му е во турбето на ова теќе.
Со текот на времето рифаи теќето го менува својот изглед, се проширува и се збогатува со дополнителни објекти и простории кои прават една архитектонска целина. Денес тоа е приземна градба обиколена со градина, чие семахане (semahané) - просторија за изведување на обреди, изградено во централниот дел на зградата се разликува по својата архитектура. Во оваа просторија се чуваат разни реквизити за вршење на самиот ритуал како и двете знамиња по кои рифаискиот ред се разликува од другите дервишки редови. Тука е сместена и текиската библиотека со ретки примероци на книги и документи важни за теќето. Во рамки на теќето се наоѓа турбе кадешто се погребани шејховите. На влезот на теќето се наоѓа натпис на турски јазик, кој во превод гласи: „Ако сакаш да не те укасаат змии-отровници на двата света, дојди! Ете тоа е возвишеното теќе на Рифаи. 1265 (1848)“
Денес со ова теќе раководи шејх Муртезан Муртеза кој на постот т.е. престолот го наследил својот татко шејх Ерол-ефенди.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer