Фотограф
Непознат
Место
Скопје
Моментална состојба
Активна џамија
Јигит-пашина џамија

Јигит-пашина џамија

Јигит-пашина џамија позната и под името Медахова џамија, според Медах Баба, духовниот водач на Паша Јигит-бег, е најстариот сакрален османлиски објект подигнат во Скопје. Изградена била од страна на Паша Јигит-бег, освојувачот на Скопје и првиот скопски краишник. Џамијата e лоцирана во старата Скопска чаршија, помеѓу Сули ан и Бит-пазар. Настрадала при бомбардирањето на Скопје во 1943 година, но нејзиното високо и вито минаре постоело до 1961 година. Не е познато како првобитно изгледала џамијата, но според изгледот на нејзиното минаре изградено од добро обработен камен, со убаво шерефе и извонредна сталактитна декорација, може да се претпостави дека била изградена од цврст материјал, со купола над молитвениот простор. Џамијата во текот на повеќевековното постоење, претрпувала промени, така што во последните години имала дрвена кровна конструкција на четири води. Најстариот податок за постоење на џамијата на Паша Јигит-бег се наоѓа во вакафнамето на Гази Иса-беговата задужбина во Скопје од 1469 година, во врска со увакуфувањето на „земјиште од три дуќани близу до месџидот на покојниот Паша Јигит-бег.“ Вакафнамето за оваа џамија не е зачувано, но податок за егзистирањето на вакафот на нејзиниот основач се наоѓа низ документите и тој имот сигурно бил завештан за неговата џамија. Најстар податок за постоењето на вакафот на Паша Јигит-бег, се среќава во вакафнамето на неговиот син Исхак-бег од 1445 година.
Во гробиштата што биле ситуирани до самата џамија се зачувани само уште два гроба. Едниот е гробот на Паша Јигит-бег, над кого било изградено турбе што се урнало во земјотресот 1963 година. Другиот е гробот на Медах-Баба, еден од турските освојувачи на Скопје и соборец на Паша Јигит-бег и негов духовниот водач.
Во непосредна близина се наоѓала и зграда за која се сметало дека била медреса, како и Баба Медаховото теќе. Близу до гробот на Медах Баба наводно постоел извор на света вода (Medah Baba suyu) или ајазма (грч. agiazma), што значи ‘чешма крстилница во чие лековито дејство подеднакво верувало и муслиманското и христијанското население. Посебен ден на кој сето скопско население доаѓало на овој извор, без разлика на верата, бил 1 јули. Овде луѓето се миеле со светата вода за заштита од разни болести, палеле свеќи и секој за себе оставал белег и по некој подарок: сребрена пара, жито, јајца, шеќер и др. Кога султанот Мехмед V Решад во 1911 година го посетил Скопје, оваа лековита вода била наречена Решадије.
Јигит пашината џамија заедно со двете турбиња се обновени и реставрирани во својата првобитна форма со финансиска помош на компанијата ЕНКА од Република Турција. Еден од основачите на оваа реномирана компанија бил г-динот Шакир Тара, роден Скопјанец, кој како оддолжување на својот роден град го возобновил овој сакрален комплекс кој се смета за најуреденото културно историско место во чаршијата.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer