Фотограф
Виктор Трајановски и непознат
Моментална состојба
Постоечки објект
Место
Скопје
Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам Чифте амам

Чифте амам
Овој амам се наоѓа среде Скопската чаршија. Поточно, на потегот меѓу Мурат-пашината џамија и Сули ан. Заедно со овие два објекта ја сочинува единствената останата „исламска тројка“ на просторот на чаршијата и во Скопје воопшто. Исламските тројки биле програмски групации во османлиските градови, сочинети од три јавни објекти: анови (карвансараи) за преноќување, џамии за религиски обреди и амами за хигиена. Чифте амамот е изграден во средината на XV век од страна на Иса-бег и оставен во наследство за потребите на неговите задружбини во Скопје, медресата и теќето. Објектот е со голема архитектонска вредност којашто не може да дојде до израз бидејќи е речиси целосно опколен со дуќани, како што впрочем било и во времето кога служел како амам. 
Чифте амамот е со површина од 1 056 м2. Името го добил од турскиот збор „чифт“ со значење двоен, поради двете бањи што го сочинувале, едната наменета за жени, а другата за мажи. Машкиот и женскиот дел не се поставени еден покрај друг, како што било вообичаено кај повеќето двојни амами, туку двата дела се составуваат со деловите за капење. За ваквото архитектонско решение, најверојатно влијаеле условите на самиот терен. Слободната локација била тесна и долга, се граничела со рекичката Серава и со веќе изградените објекти: Безистен, Сули-ан и Мурат-пашината џамија. Машкиот и женскиот дел се состоеле од исти простории: гардероби, малку потопли простории и простории за бањање и халвети (вруќи делови за бањање). Кон машкиот дел оригинално се пристапувало од северозападната страна, тој имал повеќе простории и побогата внатрешна декорација. Од југоисточната страна се пристапувало кон женскиот дел, кој подоцна содржел и базен за бањање наменет за сè побројната еврејска популација во Скопје. 
Чифте-амамот во текот на своето постоење, исто како и другите амами, се давал под наем. Неговата наемнина за периодите 1452/55 и 1467/68 изнесувала по 20 000 акчиња. Во различни периоди за него се користеле и имињата: Нов амам, Иса-бегов амам, Бојаџиски амам и Јашар-бегов амам. 
Се претпоставува дека Чифте амамот престанал да работи и да служи за својата основна намена во 1916/17 година. Просториите на амамот прво ги користело здружение за преработка на тутун, потоа во него се наоѓала работилница за сапун, па кожарско претпријатие. За потребите на новите корисници, на амамот постојано биле вршени преправки и адаптации. Потоа почнал да пропаѓа, па по војната им служел на разни претпријатија како складиштен простор и магацин.
 Во 1963 година за време на големиот земјотрес во Скопје, Чифте амамот бил значително оштетен. Благодарение на солидната градба и на постојаните интервенции што биле вршени во текот на неговото постоење може да се констатира дека Чифте амамот денес е во целина запазен. Во 2000 година, амамот ѝ е доделен на користење на Уметничката галерија Скопје во функција на мултимедијален изложбен простор.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer