Камени мост
Камениот мост претставува една од најзначајните знаменитости на градот Скопје. Приближно 220 метри долг и широк околу 6 метри, е еден од најзначајните урбани знаменитости на градот. Како што забележал познатиот патеписец Евлија Челеби, бил изграден во втората половина на XV век, за време на владеењето на султанот Мехмед II Освојувачот (1451-1481), иако постојат одредени индикатори кој велат дека е од поран период, изграден во првата половина на XV век за време на султан Мурат II (1421-1451). Лидија Кумбараџи-Богоевиќ аргументирано и со голема сигурност стои на ставот дека Камениот мост го изградила Хума Шах Султан, која била со царско потекло, а живеела и починала во Скопје. Во Скопје имала голем вакаф што го завештала за потребите на училиштето и завието што ги изградила веднаш до мостот. Гробот на оваа личност се наоѓал во турбето, во непосредна блзина на Бурмали џамијата, до Камениот мост.
Конструкцијата на мостот лежела на 13 столбови во реката и на два крајбрежни ѕида.
Низ вековите мостот претрпел повеќе оштетувања, од поплавите на Вардар, со земјотресите и од други причини. Тоа наложувало и конкретни зафати за неговото санирање и обнова. Познато е дека мостот настрадал од големиот земјотрес од 1555 година кога биле разурнати или тешко оштетени четири сводови, кои подоцна биле направени од дрво. Евлија Челеби запишал дека делови од мостот биле поправени со доброволно работење на народот во 1579/80 година.
Плочите со датумот на изградба што биле поставени на десната и на левата страна на столбот – михраб, што се наоѓа на средината на мостот, биле извадени од страна на австриските војски кои во 1688/89 година го освоиле Скопје.
Во 1817-18 година, за време на владеењето на султанот Махмуд II (1808-1839), била извршена нова интервенција, за која, според податоците, биле платени 28.816 гроша и 2 аспри. Интервенции за одржување на мостот се правени и подоцна. Во време на претседателствување на Салих Асим со скопската општина и во време кога мутасафир (управник на санџак) на Скопје бил Хафиз Мехмед-паша 1888/89 година на сметка на општината, разрушениот дел од мостот од темел бил изграден од камен, а сводовите се обложиле со тула.
Во 1895 година, којзнае по кој пат, мостот се нашол под ударот на силно надојдените води на реката Вардар, па во 1896 и 1897 година биле изградени заштитни ѕидови на кејот, како една од мерките за регулирање на речниот тек во овој дел.
Низ целиот период, сѐ до 1909 година, мостот имал огради од камени плочи. Од една денес изгубена камена плоча, која сѐ до 1963 година се наоѓала на мостот, а чијшто врежан текст е препишан и така останал сочуван, се дознава дека по повод посетата на султанот Мехмед V Решат, во 1909 година, било изведено проширување на мостот со помошта на метални конзоли, кои носеле тротоар од двете страни на мостот.
Проширување на патеката за пешаци направена со бетон била извршена 1910/11 година.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer