Ислахане (занаетчиско училиште)
Покрај идадијата, во близина на Ислахане паркот, во 1897 (спрема Богоевиќ,1896) било отворено занаетчиско училиште познато како Ислахана. Иницијатор бил тогашниот градобначалник, Салих Асим. Имено, имајќи ја на ум Османлиската одредба дека училишта од овој тип требало да се отворат во поголемите градови,тој го изградил ова врз углед на таквите училишта во Ниш (основано од Мидхат паша), Софија, Истанбул, Халеп и Солун.
Во чест на Султан Абдулхамид, училиштето во почетокот се викало Хамидие, за покасно да го носи името на славниот Косовски валија хафиз Мехмед паша, кој играл голема улога во обезбедување на финансиски средства за изградба.Значи, валијата бил длабоко заинтересиран за образованието во Скопје. Во Ислаханата се грижеле за и ги образувале јетимите (сираци).Образованието траело 5 години. Освен училници,менза и спални соби, во училишната зграда се наоѓале и печатница, хамам и месџид. Учениците биле на возраст од 10 до 14 години. Предност им се давала на јетими и сиромашни деца. Имашливите родители за своите деца плаќале школарина. Деца од различни етнички и верски потекла биле примани. Биле предавани повеќе занаети, како шиење, кондураџиски занает, столарски, печатарски, копаничарство и литографија.Постоел и школски оркестар. Секој петок и недела школскиот оркестар во паркот Ислахане имал јавни изведби во времетраење од два часа, од 10 до 12 часот.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer