Фотограф
Непознат
Моментална состојба
Постоечки објект
Место
Скопје
Водовод на Мустафа-паша Водовод на Мустафа-паша Водовод на Мустафа-паша Водовод на Мустафа-паша Водовод на Мустафа-паша

Водовод на Мустафа-паша
Водоводот бил изграден во 1492 година, кога градот Скопје започнал интензивно да се шири и да се зголемува бројот на исламските градби, амами и џамии, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода. Од него до денес е зачуван делот што претставува мост на сводови преку кој се пренесувала водата. Бил изграден на излезот од Скопје, десно од патот Скопје – Качаник. Зачуван е во релативно добра состојба. Бил изграден за да ја премости долината на ова место и да ја пренесе водата од богатите извори на Скопска Црна Гора до градот. Тој претставува монументална градба од типот на еднокатни надземни водопроводи. Бил изграден од страна на Мустафа паша, кој бил ктитор и на Мустафа пашината џамија во чие вакафнаме од 1514 година се наоѓа и аквадуктот. Се смета дека преку овој водовод била спроведувана вода од изворот Лаовец во селото Глуово на Скопска Црна Гора, до "топџиската касарна", Мустафа-пашината џамија и до некогашниот турски Уќумат. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток. Се состои 55 лаци кои се потпираат на масивни столбови со квадратна основа и 42 отвори за олеснување на ѕидната маса, а вкупната негова должина изнесувала 386 метри. Должината од каптажната градба кај изворот, па сѐ до старата чешма на крајот од водоводот кај касарните, изнесува околу 8 км.  Бил граден со употреба на камен и тула, на начин како што биле градени и другите османлиски објекти. Под средината на водоводот поминува новиот тек на рекичката Серава, која понатаму се влева во Вардар кај Момин Поток. Овој објект е единствен од ваков вид во Македонија и е најголем од трите зачувни водоводи на територијата на поранешна Југославија. Другите два се наоѓаат во Црна Гора. Овој споменик на културата претрпел бројни оштетувања од разни војни и природни катастрофи.