Фотограф
Непознат
Место
Битола
Моментална состојба
Постоечки објект
Коџа Кади џамија Коџа Кади џамија

Коџа Кади џамија

Коџа кади џамијата уште позната и како Коџа Ахмед ефенди џамија е изградена во 1529 година на десната страна од реката Драгор, во непосредна близина на Дрвен пазар, во близина на Јени Амам (Нова бања). На југозапад се наоѓаат гробишта (мезарлик) со неколку гробови во кои почиваат некои учени и дервиши како Ефгани Мехмед-ефенди, Хаџи Ибрахим-ефенди, Хафиз Али и други лица. До џамијата била изградена и медресата на Ахмед-eфенди по неговото назначување за кадиja во Битола. За одржување на овие градби тој воспоставил вакаф, кој поради лошото управување бил уништен. Медресата била обновувана четири пати, но од почетокот на ХХ век таа не постои.
Од првичниот комплекс преживеала само џамијата. Нејзиниот изглед е сериозно променет во однос на првичната градби, поради тоа што долг период се користела како станбена зграда. Џамијата е едноставна правоаголна молитвена просторија со димензии 8,80 м. на 8,50 м., со кров на четири води. Ѕидовите се со два реда хоризонтални тули околу клепан камен, а нивната дебелина изнесува 90 см. На страната каде што е михработ има два прозорци со мермерни рамки и железни шипки и три помали заоблени прозорци на горниот дел од ѕидот. Минарето се наоѓа на југозападната страна од молитвениот простор, а неговиот влез е од внатрешноста на храмот. Минарето е полигонално, изработено од камен, а неговиот горен дел како и шерефето се делумно оштетени. Главната влезна врата, украсена со дрворез одамна исчезнала. Внатрешноста на молитвениот простор била оштетена од станарите пред многу време, освен некои остатоци од нишата во михработ и рамниот дрвен таван.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer