Фотограф
Непознат
Место
Битола
Моментална состојба
Постоечко турбе
Хасан Кешфи ефенди

Хасан Кешфи ефенди (Hasan-baba başı kesik)

Во Битола, меѓу народот, тој е познат под името Хасан-баба. Бил божји угодник со кој османлиска Битола се гордеела. Вдахновен од својот старешина Џигер-баба, и посветен на молитва уште од раната младост, го достигнал степенот на совршенство, спознавајќи ја тајната на оној хадис (Mutu kable en temutu): „Умрeте пред да умрете вистински“.
Според преданието, кај теќето, на местото кое и денес се вика „Табије“ се насобрал народ да го види Џигер-бабиното погубување. Дошле и чиновниците од Цариград кои тука, јавно, пред народот го прочитале ферманот. Во таа прилика над илјада луѓе слегле во т.н. Мирисна ливада и чекале да ја видат таа страшна глетка. Хасан Кешфи ефенди седел на местото на Џигер-баба, кого го заменил покорувајќи се на наредбата, чекајќи готово да загине. Го одвеле под теќето и старата болница, т.е. во близина на касарната на коњаничкиот полк и тука го погубиле. И тогаш се исполниле, на чуден начин, одредени знаци на неговата светост, како што тоа било случај и со Менсур Халаџ и Ешреф Руми, што било и доказ дека пресудата не е праведна. Тоа многу ги зачудило присутнитите, а особено чиновниците кои дошоле од Цариград, го донеле ферманот и дошле да ја извршат смртната пресуда, Од чудото сите биле збунети и стоеле како за земја да биле приковани. Горко се каеле што ја извршиле оваа заповед. Бидјеќи Хасан-баба ја зел својата глава под пазувот, заминал од губилиштето и дошол до едно особено свето место во турбето, а тоа било далечина од половина час пешачење. Во тоа време споре преданието, реката Драгор поминувал низ местото каде што се наоѓало неговото свето турбе. Тој во таа прилика со раката направил еден мистериозен знак и на тој негов даден телесен и духовен знак реката се повлекла на линија каде и денес тече. Дошол на своето место, каде маченички е погубен испуштајќи го својот дух, го напуштил овој минлив свет и заминал во вечен покој.
Според преданието, кога чиновниците се вратиле тажни во Цариград раскажале што се случило. Во тоа време султанот Мурат IV, сожалувајќи се на ваквиот настан, наредил да се подигне едно богато, раскошно турбе. Покрај тоа уште во близина на турбето наредил да се подигне едно теќе и една џамија, која и денес постои. Ова џамија многу убаво ја обновил командантот на Третата армија, Фазли-паша.  Таа џамија денес  се вика Хасан-баба џамија. 
За остварување на желби во секое време, а особено во очи на Курбан Бајрам, во блиските кланици се колеле многу курбани. Со тоа во голема мерка се помагало и на битолските сиромашни. Според завештанието на Џигер-баба, џигерот од овие курбани се врзува на дрвото кое се наоѓа пред гробот на Џигер-баба и служи за исхрана на разните животни.
Хасан-баба бил родум од Битола. Поклоници и посетители на турбето имало постојано. Според преданието, за време на посетите на турбето, на човека можело му се крене косата во вис од возбуда. Од 1807/8 - 1862/3 год. од страна на египетскиот хедив Мухамед Али и неговиот син Ибрахим паша, секоја година бил испраќан скапоцен покров за гробот на овој светец. Во теќето, кое е заедно со турбето, во одредени денови се изведувале верски обреди по прописите на редот накшибенди. Старешината на ова теќе бил почестен да ја врши и службата на турбедар на овој свет гроб.