Фотограф
Непознат
Моментална состојба
Постоечки објект
Место
Битола
Грчки конзулат

Грчки конзулат

Зградата на грчкиот конзулат била изградена во 1903 година, најпрво во сопственост на црквата Св. Димитрија. Била дадена под наем и се користела како грчки конзулат до 1912 година. Самиот објект потсетува на архитектонските стилови од Западна Европа со елементи на барокна и класицистичка декорација. Монументалниот изглед објектот го добил со влезната партија составена од надворешни скали и два балкони. Фасадата е богато декорирана со дорски канелирани столбови на скалите и балконската партија. Се наоѓа на улица „Св. Кирил и Методиј“ број 6б, веднаш до францускиот конзулат.
Избувнуваањето на Кримската војна и прекинувањето на дипломатските односи помеѓу Османлиското Царство и Грчкото Кралство во периодот на 1853 година го одложило првобитниот план за отворање на грчки конзулат во Битола. Но, во 1859 година бил отворен грчкиот вице конзулат на чело со дипломатот Герасимос Валијанос, што во 1863 година прераснал во конзулат. Така започнало грчкото делување во овој регион, што најчесто бил со пропаганден карактер, овозможен преку здруженија во Битола и во соработката со битолската патријаршиска Митрополија.
Новиот грчки конзул Вангелиос Антипас од 1865 година се ангажирал за спречување на отварање на училишта во Битола каде што наставата би се слушала на народен јазик. Влијанието на грчкиот конзул сè повеќе јакнело, за што Грчкото Кралство одвојувало големи финансиски средства за зголемување на грчката пропаганда. За време на Илинденското востание грчкиот конзулат во Битола станал штаб за организирање и раководење на грчка воена интервенција во Македонија.
Во текот на април и мај 1912 година помеѓу Грција и Бугарија биле водени преговори (главно околу судбината на Македонија) кои завршиле со потпишување на Одбранбен договор, односно сојузништво за војна против Турција. Во таа активност влијаел и грчкиот конзулат во Битола.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer