Фотограф
Непознат
Моментална состојба
Постоечки објект
Место
Битола

Безистен

Битолскиот безистен покрај Сунгур Чауш џамијата претставува еден од најстарите османлиски објекти во градот, но и во Македонија. Бил изграден некаде кон крајот на XV век и почетокот на XVI век. Според сведоштвата го граделе познатите персиски мајстори од Табриз кои биле особени ценети во својот занает. Иако не постои точна дата кога е завршено градењето на Безистенот, најопшто е прифатен податокот дека тоа се случило во 1541 година. Интересно е што првото споменување на безистенот е во1508 година во вакуфнамата на Исхак Челеби, каде се говори како да се управива со дуќаните. Тоа е веројатно и најстариот дел на Безистенот, кој во текот на низа години бил прошируван и доградуван за да дојде до денешната форма.Првиот дел е граден во XIV вториот во XVI a третиот дел во XVII век.  Евлија Челеби во својот патопис го опишува како една убава градба со метални куполи и врати, која наликувала на тврдина. Поради цврстината на градбата како и безбедноста Безистенот служел и како трезор за собраните даноци. Поради тоа често пати бил напаѓан од разни ајдучки дружини. Вакви грабежи имало во 1646 година, 1651 и некаде во 1661година. Грабежи имало и во подоцнежниот период, бидејќи овој објект бил место каде се продавала луксузна стока, се чувале огромни суми на пари кои ги примамувале крадците. Дуќанџиите често пати за да го заштитат својот имот преспивале и во своите дуќани. Кога безистенот еднставно станал претесен за трговија, поради наголемувањето на бројот на населението, била воведена строга регулатива кој продавач колку производи смее да изложува. Според Ами Буе, во првата половина на XIX век во Безистенот имало 80 „бутици“ односно дуќани. До крјаот на османлиското владеење, но и потоа, сè до денешни дни, овој објект имал стопанско-трговска намена. Биле превземани повеќе потфати за реставрација и одржувања, па така денес Безистенот е потполно зачуван бисер на културно-историското наследство на Битола.