Теќиња

Теќето (тур. tekke) претставува светилиште, место кое служи за собирање на дервишите, следбеници на езотеричната страна на исламот познат како суфизам. Постојат повеќе дервишки редови наречени уште и тарикати, кои најчесто ги носат имињата на своите основоположници. Во теќето дервишите ги извршуваат нивните верски обреди. Со доаѓањето на Османлиите, одделни дервишки редови ја рашириле својата дејност и во овие краишта. Речиси не постоело место во кое немало барем едно теќе. Во теќињата се живеело и работело според принципите и доктрината на врховниот поглавар на редот. Многу прецизно биле утврдени правилата, прописите и дервишките обреди. Бројот на припадниците на еден дервишки ред зависел од способноста и ученоста на раковителите на редот, т.е. на теќото. 
Називите ханиќах (hânikâh), завие (zâviye), дергах (derǧah) и теќе (tekye) се синоними за овој вид на објекти. Главната просторија во теќето е семахане, или мејдан каде се вршат заеднички молитви. Во состав на теќето често се наоѓа станот на шејхот или на чуварот на теќето. Постои и посебна просторија каде шејхот ги прима гостите. Поголемите и побогатите теќиња имале и одделна просторија, мисафирхане, или гостинска просторија во која бесплатно моежло да преноќат гостите и посетителите.
Во минатото во Битола постоеле голем број теќиња што им припаѓале на разни дервишки редови. Застапени биле редовите: бекташи, рифаи, халвети, накшибенди, шемими, бајрами и други. За релативно кусо време овие редови, особено оние со најбројно членство отварале завии и теќиња и играле важна улога во политичкиот и културниот живот на овој дел од Империјата. Изградбата на бројни теќиња и завии бил предизвикан од зголемувањето на бројот на членови на овие редови. Најчесто тоа биле скромни градби со една или две простории, чијшто архитектура не се разликувала од онаа на најскромните граѓански куќи. Некои биле само адаптирани градби од профаната архитектура. Секое теќе што било создадено го носело името на основачот на дервишкиот ред. Голем број на теќиња главно се задржал и во XIX век. Всушност, може да е каже дека  XIX век е предвесникот на крајот на дервишките редови. Уште во тој период голем дел од теќињата или нивните свети места, како што се намалувал бројот на дервиши, биле напуштани. Дел од нив пострадале и како резултат на повремените модернизации на градот. Сепак, главниот удар се случил по1912 година како и во Првата светска војна. Бројот на теќињата почнал да се намалува и тоа како последица на дотраеноста, намалувањето на членството со масовното иселување на муслиманското население, но и како резултат на тоа што сега муслиманите во новите општествени услови станале, туку речи, подреден дел од општествената структура. По Втората светска војна со новата социјалистичка реизградба на градот, трајно биле разурнати дури и остатоците од поранешните теќиња. Денес во Битола функционира само Хасан баба теќето, кое е зачувано и верниците го посетуваат. Низ минатото во Битола биле познати исто така и  рифатското теќе пред Локанда, Хусеин баба теќето и теќето Уч Шеихлер.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer