Затвори
Вилаетскиот центар Битола имал неколку затвори. Во градот, имено, не постоел специјално наменет затворски објект, туку тоа биле главно доградби и пренаменети објекти, според наоѓањата и потребите на централаната власт. Во текот на османлиското владеење имало повеќе такви затвори, но поопсежни податоци постојат само за оние кои биле активни во XIX и XX век. Тоа биле познатите Катиљхане, Тимар Хане и Затворот при Валијатот. Низ овие затвори поминале мноштво затвореници меѓу кои и видни дејци и револуционери од цела османлиска Македонија. Затворските институции во Османлиската Империја биле прилично лошо одржувани, речиси без никакви услови за живот. Странскитие представници во Османлиската Империја псотојано аперилале на овој факт, иако условите многу тешко или воопшто не се подобрувале. Затворениците биле подложувани на севозможни физички измачувања, депривација од храна и вода, сместувани во простории кои често вриеле од инсекти и глодари. За жал, не постои точна бројка колку затвореници во различни периоди биле затворени во овие затвори. Првиот османлиски попис на затвореничката популација на овие простори се спровел во период од 1911 до 1912 година, односно кратко пред Османлиите да ги изгубат овие територии. Според тој попис во Битолските затвори имало 3 998 затвореници, 168 затворенички, односно вкупно 4 173 затвореници. Затворениците кои биле во истражна постапка односно она што денес го ословуваме како притвор воопшто не добивале храна. Осудените затвореници од државата добивале само по 300 драма леб и вода, останатиот дел од храната како и облеката сами ја набавувале. За жал, за ниеден од битолските затвори не постојат сознанија кога точно се изградени, ниту од кого. До днешени дни ниеден затворски објект не е зачуван.