Св. Богородица
Црквата Св. Богородица, се наоѓа кај основното училиште „Кирил и Методиј“ и е во непосредна близина на Митрополијата. Била изградена во 1870 год., а осветена во 1876 год. од страна на архимандритот Ананиј. Архимандритот Ананиј ја започнал богослужбата со зборовите „Наша црква, наша слободија“. Со ова всушност тој алудира дека за прв пат има егзархиска црква во градот кој дотогаш бил под доминатно влијание на Цариградската Патријаршија. Главни финансиеир биле Константин Мишајков и неговиот брат, пловдивскиот владика Панарет, а архитектонското решение го изработил Веле Дарков. Црквата е во форма на тробродна базилика, под влијание на западните стилови, со барокна октогонална купола и обли окулиси на страничните ѕидови. Олтарот е украсен со иконостас изработен во резба, кој според своите стилски карактеристики најверојатно го изработиле мијачките мајстори. Изработен е во првата половина на XIX век за црквата Св. Димитрија во село Магарево, од каде е демонтиран во Првата светска војна. Иконостасот привремено бил сместен во село Слепче и на пат кон Бугарија е стопиран во Велес, од каде по иницијатива на владиката Јосиф, бил вратен во Битола и вграден во црквата Св. Богородица во 1922 год. Дел од иконите се изработени во 1947 година од страна на рускиот иконописец Иван Мелников кој како белогардеец по 1917 година нашол свое засолниште во Битола. Во црквата има амвон и владички стол изработен во плитка резба. Во западниот дел на северниот кораб се наоѓа гробот на владиката Григорије, кој ја изградил Митрополијата. Црквата располага со богата колекција на икони. Во оваа црква на 6 ноември 1913 година започнала богослужбата на српски јазик, во еден свечен амбиент кога присуствувал и престолонаследникот Александар Караѓорѓевиќ. Црквата настрала за време на Првата светска војн, а па по војната биле направени усилби за нејзино реновирање.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer