Гураба Хаста Хане
Болницата за сиромашни била изградена од битолскиот влаија Абдулкерим Паша најверојатно во 1896 година, доколку овој објект го лоцираме преку новинските написи од тоа време. Болницата „Гураба Хаста Ханеси” се наоѓала во зградата на денешната текстилна фабрика „Пелистер” од левата страна на реката Драгор, во месноста наречена Крива Воденица. Терминот Гураба означува „сиромашен“, односно оваа болница била наменета за лекување на сиромашните во градот. Била многу добро ѕидана зграда, модерно уредена и за тоа време била на високо хигиенско ниво. Градена била на квадратна основа. Градбата се состоела од кат и приземје, со впечатлив засечен влез кој се потпирал на столбови. Карактеристично е што овој објект има многу прозорци. Болницата имала капацитет од 100 болнички кревети кои му припаѓале на хируршкото и интерното одделение. Лекарската служба во болницата ја вршеле поголем број битолски лекари, кои работеле по неколку часа во текот на денот. Познато е дека еден период, управник на оваа болница бил д-р Анастас Христидис.
За време бомбардирањата на градот, во текот на Првата светска војна, многу настрадала и оваа болница. Со тоа нејзината дотогашна работа била дефинитивно прекината и покрај тоа што со извесни поправки можела повторно да се оспособи за својата намена. Меѓутоа, по војната болничката зграда била претворена во термоцентрала. Денес овој објект постои, но е сведен на ниво на непрепознатливост. Со години овој објект е дел од текстилната фабрика Пелистер. Карактеристичниот засечен влез е доѕидан со што овој објект ги изгубил своите архитектонски особености. Фасадата е потполно променета, а дел од прозорците се заѕидани. Со тоа османлиската билница за сиромашни денес е сведена на непрепознатливост иако е прилично добро зачувана како објект во целина.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer