Британски конзулат
Британскиот конзулат бил изграден во втората половина на XIX век, како приватна станбена зграда. Претставува мешавина на постоечката битолска архитектура, а препознатлив е со неоренесансниот еклектичен стил заедно со фолклорните украси кои се највеќе изразени на влезната врата. Се наоѓа на улица „Св. Кирил и Методиј“ број 22А, во близина на градската Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и српскиот конзулат.
Од 28 октомрври 1851 година Џон Аугуст Лангфорд бил првиот британски, а и прв од страснка земја, конзуларен претставник во Битола, што е забележано во официјалниот преглед на британските дипломатски конзуларни претставништва во Османлиската Империја во Foreign Office (Форин Офис), а пристигнал во градот на 8 февруари 1852 година кога стапил на дипломатска должност.
Извештаите на конзуларните претставници во Битола биле од најразличен тип: трговија, земјоделие, увоз-извоз, за положбата на христијанското население, за насилствата, грабежите, црковните прашања, образованието, пропагандата и друго. Во извештаите на Џемс Мак Грегор од 1903 година се наведени моментите кои довеле до револуционерна акција на Македонскиот народ и сплотеноста кон Внатрешната револуција. Потоа извештаи од истиот вице конзул за Битолскиот вилает, турската контраофанзива, масакрите и палежите во селата, и извештаи за текот на Илинденското востание. Вице конзулот Толуман оставил информации за зближување на балканските држави кои се подготвувале за војна против Турција.