Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ се наоѓа во стариот дел од Охрид и до неа се доаѓа лево од Горна Порта. Изградена е во 1295 година од Прогон Згур, византиски војсководец и намесник на Охрид, и неговата сопруга Евдокија. Тој бил зет на византискиот цар Андроник II Палеолог и на царицата Ирина. Во тоа време Охридски архиепископ бил Макариј.
Во основа црквата има форма на впишан крст со купола и нартекс од западната страна. Од источната страна има олтарна апсида кој е декорирана со печени тули. Црквата е градена од бигор, кршен камен и печени тули и со нивна комбинација се постигнати прекрасни декорации на фасадаат. Во средината на XIV век, во 1365 година, од страна на Деволскиот епископ Григориј биле изградени северниот и јужниот параклис. Фрескоживописот во црквата е дело на познатите зографи Михајло Астрапа и Евтихиј и претставува најстара целина на таканаречената Ренесанса на Палеолозите, последното големо поглавје на византиската уметност.
Во XV век, со освојувањето на Османлиите и паѓањето на Македонија под нивна власт, моштите на свети Климент Охридски кои до тогаш почивале во неговиот манстир на Плаошник, биле пренесени во оваа црква. Манастирот бил претворен во џамија, а црквата „Св. Богородица“ била преименувана во „Св. Климент Охридски“. Подоцна во времето по Втората светска војна, црквата е земена под управа на државата, а моштите се пренесени во црквата „Св. Никола Геракомија“. Во 1991 година кога црквата е вратена во владение на Македонската православна црква, моштите со свечена литија се пренесени во „Св. Богородица Перивлепта“, и таму остануваат додека не се возобнови Светиклиментовиот манастир во 2002 година. Во XIX век во цврквата бил поставен дрвен иконостас со икони кои ги изработил Дичо Зограф од Тресонче, но во поново време истиот е променет со мермерен иконостас, кој претставува реконструкција на стариот. На него има поставено 2 престолни икони и царски двери, додека на нив на хоризонтална даска се насликани 15 претстави на светители. Над нив има дрвено Распетие.
Фреските во црквата беа непознати сè до 1959 година кога Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата започна систематски конзерваторски интервенции на архитектурата и на фрескоживописот. Со очистувањето и конзервацијата на фреските истите го зазедоа своето истакнато место како едни од најзначајните ликовни остварувања на византиската култура.
Црквата во 1952 година е национализирана и е пренаменета во музеј, сè до 29.III.1991 година кога е вратена во владеење на МПЦ. Поради тоа набрзо е извршено преосветување на црквата на 6.X.1991 година од страна на архиепископт Гаврил и митрополитот Тимотеј и Стефан. (Дебарско-кичевска епархија)
Оваа црква, во времето по претворањето на соборната црква Света Софија во џамија, станала соборен храм на Охридската архиепископија. Голем број на црковни предмети, икони и книги биле пренесени во оваа црква. Се знае дека во рамките на црквата имало голема архиепископска библиотека со ракописи на пергамент од XI и XII век, како и стари музички нотации од византиското црковно пеење. Нешто од тоа богатство на предмети е сочувано и денес, но за жал поголемиот број, со пустошењата на кои бил подложен Охрид и охриѓани, засекогаш се оттргнати од местото на кое му припаѓале. Исто така околу храмот имало голем манастирски комплекс, а во непосредна близина била подигната архиепископска палата која кон средината на XIX век изгорела. Црквата го носи и називот „Голема црква“, затоа што била соборна црква на Охридската архиепископија.