Црквата „Св. Никола Болнички“ е изградена во стариот дел од градот, непосредно до ѕидот од Дoлна Порта, во близина на Охридското Езеро. Изградена е во маалото кое се викало Болничко, бидејќи во средниот век тука постоела болница. Црквата е изградена и живопиисана во 1313-1314 година од ктиторот охридскиот архиепископ Никола. Веднаш до оваа црква се наоѓа црквата „Св. Богородица Болничка“ и всушност двете ги дели само еден сокак. Околу целиот црковен двор има изградено камена висока ограда, освен од северната и јужната страна, каде што се изградени неколку куќи. Црквата претставува еднокорабна градба, со тристрана апсида од источната страна, и два влеза од западната и од јужната страна. Над западниот ѕид висински е изградена камбанарија, која се состои од еден ѕид со внатрешни две арки каде што е поставена камбаната. Според својата форма камбанаријата е единствена по својата форма во Охридскотo намесништво. Од западната страна е доградена припрата, а од јужната страна е дограден затворен трем, кои заедно се поврзани со припратата. На источниот ѕид од јужниот трем се доградени две полукружни ниши, кои претставуваат свет престол и жртвеник, односно претставуваат мал параклис посветен на светите Апостоли, и кој веројатно имал погребална намена. Влезот во црквата е преку вратата од западниот трем. Воглавно е градена со камен и употребени парчиња од печена тула. Надворешниот западен и јужен ѕид од црквата се насликани со фрески. Внатрешноста на црквата е фрескоживописана помеѓу 1330 и 1340 година. Јужната фасада била насликана во 1345 година кога е изграден јужниот трем, од ктиторот Охридскиот архиепископ Никола. Во 1467 година, бил доѕидан и оформен јужниот параклис и насликан со фрески, а подоцна во XIV век, која што денес се наоѓа во Археолошкиот музеј во Софија, на која има 16 одделни сцени. Денес во црквата нема иконостас, а истата е отворена секој ден за верници и за посетители.
Редок артефакт од оваа црква е резбаната влезна врата која се наоѓа во Археолошко – историскиот музеј во Софија. Црквата станува пример за сите еднокорабни цркви во Охрид.