Малата црква посветена на „Св. Козма и Дамјан“ во градот Охрид е позната како „Мали Свети Врачи“, и се наоѓа непосредно над црквата „Св. Богородица Челница“ и непосредно под црквата „Св. Константин и Елена“. Нема податоци за времето на подигањето на црквата бидејќи е уништен поголемиот дел од фрескоживописот. Таа претставува еднокорабна црква, со тристрана апсида од источната страна и еден влез од западната страна. Црквата е градена од камен и покриена со керамиди од двете страни. Во внатрешноста на црквата се наоѓа фрескопис од четириесеттите години на XIV век, меѓутоа не постојат точни податоци кога била изградена. Првобитно во црквата имало свод, на кој имало насликано фрескоживопис, но тој денес не постои. Зачуваните фрески се наоѓаат во олтарниот дел, на западниот и делумно на јужниот ѕид, додека северниот ѕид претрпел поголеми оштетувања. Во 1950 година е извршена санација и конзервазија на црквата, додека фреските се заштитени во 1965 година. Во оваа црква е насликан св. Климент Охридски претставен со макета на градот во рацете. Во црквата имало дрвен иконостас од времето кога е изградена црквата, и тој е најстариот зачуван дрвен иконостас кој потекнува од XIV век. Во црквата денес се останати само три вертикални дрвени столбови, и над нив е поставено големо дрвено Распетие, кое најверојатно е изработено во почетокот на XVII век. Во црквата имало и импозантен број на икони од кои повеќето се од поствизантискиот период. Но најголемиот дел од нив се однесени во Завод и музеј – Охрид. На банкнотата од 1000 денари е прикажан дел од иконата на Богородица Епискепсис, а која била дел од оваа црква, а денес се наоѓа во Галерија на икони во Охрид. Црквата е отворена само привремено. Во олтарната апсида е насликан ликот на охридскиот архиепископ Константин Кавасила. Двете најубави колони од овој иконостас денес се наоѓаат во Ширванот на најгорниот кат во куќата на Робеви, кој служи како охридска резиденција.