Оваа црква посветена на великиот солунски воин „Св. Димитриј“ се наоѓа веднаш под црквата „Св. Богородица Перивлепта“ недалеку од Горна порта. Црквата претставува мала еднокорабна градба со тристрана апсида од источната страна. Црквата е градена од камен и печена тула. Покриена е со керамиди на две страни и во неа има влез од западната и јужната страна. Во употреба е само јужниот влез. Во внатрешноста на црквата има фрескоживопис, кој се датира од XIV век. Истиот е дело на двајца зографи, кои твореле во Охрид во овој периодр, во црквата „Мал Свети Климент“ (во 1378 година), и во нартексот на Св. Богородица Перивлепта“ (во 1379 година). Оттука фрескосликарството во црквата „Св. Димитриј“ се датира околу 1378/79 година. Во XIX век бил обновен оштетениот фрескоживопис во олтарот и бил поставен едноставен иконостас изработен од дрвени даски. На него има 3 престолни икони и царски двери. Иконите се насликани во 1827 година и според стилските карактеристики упатуваат на зографот Михаил од Самарина. Над престолните икони има една хоризонтална даска, на која се насликани 13 ликови, на апостолите и Деизис. Над нив е поставено големо Распетие. Овие дела се изработени веројатно во првата половина на XVII век. Карактеристичен за оваа црква е и "Големиот змиски крст", кој потекнува од XVII век. Црквата е отворена само повремено.