Според преданието пренесувано од поколение на поколение кај старите охриѓани имало сознание дека постои црква посветена на „Св. 40 Севастиски маченици“. Оваа црква се наоѓа во стариот дел на Охрид, на улица „Боро Шаин“, југозападноа од зградата на Завод и Музеј Охрид, во дворното место на Шанданови. Најрани податоци за оваа црква има во Охридскиот митрополитски кодекс, напишан од Козма Китиски во 1694 година. Според овој Кодекс во Охрид имало седум парохии, а во третата парохија е наведена оваа црква. Со истражувања е започнато повремено во 1989 година, а со систематски истражувања во 2005 година кога се откриени остатоци од црквата и делови од фрескоживописот. При тоа е откриен олтарниот простор и дел од јужниот ѕид на црквата. Црквата претставувала еднокорабна градба, градена од камен, тула и варов малтер. Внатрешните димензии изнесувале 7.90 м. Во должина и 5.50 во ширина. Времето кога е изградена е веројатно XIII или XIV век. Иако оваа црква е руинирана во последно време се прават напори за нејзино возобновување. Според монетите што се најдени во ископувањата, се смета дека таа потекнува од крајот на 12 век, или можеби почеток на 13 век. Раритет е и тоа што Исус Христос тука е насликан на фреска како возрасен човек, додека од 14 век наваму тој се претставува како бебе.