Црквата „Св. вмч. Ѓорѓи“ претставува еднокорабна црква, со петострана апсида од источната страна. Црквата е изградена од кршен камен и покриена со керамиди на две страни. Под покривот има широк двоен венец од бигор кој е поставен декоративно. Олтарската апсида е широка и изработена од бигор и печена тула. На неа се издлабени пет декоративни слепи арки и во средината има мал прозорец. Црквата е изградена во 1834 година. Во неа се влегува од западната и од јужната страна и на двата влеза надвратниците се изработени од мермер. Над јужната врата во полукружна ниша во 1889 година е насликан патронот на црквата – св. Ѓорѓи, додека лево и десно од фреската на мермерни плочи се поставени релјефни икони на св. Димитриј и св. Ѓорѓи веројатно во периодот кога е изградена црквата. Над западниот влез од внатрешноста на црквата е изградена широка катна галерија од дрво во која има пристап преку дрвени скали веднаш лево од влезот. Наосот на црквата е трикуполен, со странични сводови. Над катната галерија централно е изведена кружна купола и странични сводови на кои нема насликани фрески. Централно во наосот се изведени втората и третата купола, кои северно и јужно се потпрени на четири столба. На втората купола е насликана фреска на Пресвета Богородица, а на третата е насликан Христос Седржител. Овие фрески, како и насликаните пандатифи под куполите припаѓаат на првото фрескосликарство во црквата, додека фреските насликани на страничните четири сводови се од вториот период на сликањето во црквата. Северниот и јужниот ѕид на црквата се исто така фрескоживописани, додека западниот ѕид е празен. Автор на второто фрескосликарство во црквата е уметникот Ѓорѓи Крстески од Охрид, кој сликањето го извршил во периодот од 1973-1983 година. Во 1984/85 година е насликана олтарната апсида од страна на ументикот Драган Ристески од Охрид.
Во црквата до 2014 година беше поставен оригиналниот иконостас, изработен од дрво. Истата годона иконостасот е демонтиран и поставен е нов иконостас изработен во длабока резба од мајсторот резбар Никола Костоски од Охрид.
На иконостасот има 8 претолни икони, царски двери и северни и јужни двери на кои има по една икона во целата должина. Овие икони се изработени во 1839/41 година од зографот Михаил од Самарина. На вториот хоризонтален ред има 20 помали икони, а на третиот ред има 24 икони, и над нив резбано Распетие.
Во состав на црквата од јужната страна во 1950 година е изградена камбанарија, која е повисока од црквата. Камбанаријата се состои од приземје со влезна врата преку која се влегува во јужниот трем во црквата, и над приземјето преку скали се доаѓа на горниот кат, каде што има мала канцеларија и над неа има висока осмострана купола со 4 прозорци изградена од бигор и црвени тули, во која се наоѓа камбаната.
Во црквата во XX век се изградени две широки тремови од јужниот и западниот дел. Во јужниот трем се наоѓа продавница за свеќи и до неа има поголема просторија – крстилница. Крстилницата е изградена во 1984/5 година и внатре во неа се насликани фрески од страна на ументикот Драган Ристески. Лево во западниот трем има магацинска просторија.