Фотограф
Непознат
Место
Охрид
Моментална состојба
Активна црква

Црквата „Св. Никола Геракомија“ е главната парохиска црква во Првата парохија. Црквата се наоѓа на педесетина метри источно од црквата „Света Софија“. Црковниот двор е уреден и целосно ограден со камен, а во него се влегува преку дрвена порта поставена на камена ограда.

Називот Геракомија оваа црква го обила поради постоењето на некогашната градба, која имала функција на дом за стари лица, која била во составот на архитектонскиот компллекс од црквата „Св. Софија“. Парохијата во која се наоѓала оваа црква била именувана Геракомија уште кон крајот на XVII век, како што пишува митрополитот Козма во Кодиката.

Во основата таа претставува трикорабна базилика, со петострана апсида од источната страна, која е изградена во XIX век. Западно од црквата, во нејзиниот состав е изградена Западно од црквата, во нејзиниот состав е изградена камбанарија, а на јужната страна од црквата е изграден затворен трем. Југоисточно од црквата е изградена помошна градба, во која има просторија за продажба на веќи, канцеларија и други неколку простории. Во црквата се влегува од јужната страна.

Црквата не е целосно фрескоживописана, а насликаното во неа е од две тајфи. Живописот на сводовите на северниот и јужниот кораб и трите мали куполи е дело на зографската тајфа на Дичо Зограф, кој насликаното го извршил во 1864 година. Фреските во олтарот се дело на зографи од селото Опеница. Во внатрешноста на храмот е поставен репрезентативен дрвен иконостас, на кој се поставени икони изработени од Дичо Зограф во 1862/63 година. Во оваа црква во педесеттите години од минатиот век се пренесени моштите на св. Климент Охридски. Претходно тие се наоѓале во црквата „Св. Богородица Перивлепта“, но кога оваа црква е одземена од Македонската православна црква и е претворена во музеј, тогаш моштите се пренесени на сигурно чување во црквата „Св. Никола Геракомија“, сè до 1991 година кога црквата „Св. Богородица Перивлепта“ е вратена на владение на Македонската православна црква и моштите на св. Климент се повторно вратени.