Црквата „Св. Богородица Панданос“ се наоѓа во стариот дел од Охрид, над Античкиот театар, на улица „Кузман Капидан“. Именувањето го добива од грчкиот назив Панданаса, што значи Сецарица. Таа е изградена врз темелите на постара средновековна црква, чии остатоци се наоѓаат под улицата.
Црквата претставува мала еднокорабна градба на која нема апсида од надворешната источна страна и е покриена со керамиди на две страни. Изградена е од камен и во неа се влегува само од западната страна. Во внатрешноста на црквата нема фрески, ниту иконостас. Единствено на источниот ѕид во полукружната нишасе наоѓа фреска на Пресвета Богородица. На ѕидовите се наредени повеќе репродукции на икони. Во црковнито двор има метална конструкција на која е поставена една камбана.