Фотограф
Дебарско-кичевска епархија 1967-2017
Место
Охрид
Моментална состојба
Активен Манастир
Манастир Сите Светии – Си Свети – с. Лешани, Охридско Манастир Сите Светии – Си Свети – с. Лешани, Охридско Манастир Сите Светии – Си Свети – с. Лешани, Охридско

Особеност на овој манастир е тоа што е единствен кој е посветен на Сите Светии. Се наоѓа во селото Лешани, во областа Долна Дебрца, Охридско. Изграден е на висорамнина, на плато од огранокот на Долни Осој од планинскиот венец Мазатар на Плаќенска планина.

Нема точни податоци за тоа кога е изградена манастирската црква. Според прочитан запис во црквата од страна на рускиот патеписец Виктор Григорович, црквата била изградена во 1452 година. Меѓутоа, со најновите археолошки истражувања, извршени од страна на Охридскиот Завод и Музеј, се потврди тезата, застапувана од повеќе истражувачи и научници, дека црквата била изградена во 1452 година, но на темели од постара црква. Според откриените артефакти се претпоставува дека црквата е изградена во XIII век, можеби и порано. Таа претставува еднокорабна црква, градена од кршен камен и бигор. Црквата била фрескоживописана и во внатрешноста и во надворешноста, што претставува реткост. Но, за жал, надворешниот фрескоживопис во голема мера е уништен. Авторот на фрескоживописот е непознат, но според стилските анализи спаѓа во групата на талентирани зографи кои, во тој период, сè уште работат во Охрид и неговата околина.

Јужно од старата црква изградена е нова поголема. Нема податоци кога точно е започната изградбата на истата. На еден камен на јужниот ѕид, во големиот лев агол запишана е годината 1911, а во десниот агол и датумот 25.VI, а на плочка од бигор на апсидата пишува Рис. Блаже. Тоа укажува дека нартексот и наосот биле изградени во 1911 година, а апсидалниот дел бил дограден во 1922 година. Црквата била осветена на манастирската слава во 1926 година. Таа е еднобродна, а во мај 2007 година доби и припрата.

Нартексот и олтарната апсида се фрескоживописани од непознат автор, додека иконописот е дело на Крсте Николов и неговиот син Рафаило од Лазарополе.

Западно од двете цркви се наоѓа голема зграда со подрум и кат. Изградена е во 1927/28 година. На јужниот дел од платото, во 1973 година, изграден е мал манастирски конак. Манстирската камбанарија се наоѓа на северната страна од гостоприемниот конак.

Со доаѓањето на јеромонахот Вартоломеј, настојател на манастирот, започнува неговото духовно и материјално обновување и надградување. Во 2006 година е започнат процесот на реконструкција и адаптирање на старата зграда, која се наоѓа западно од двете цркви, во нов манастирски конак. Целосниот потфат е завршен во 2008 година. Истата година на 22 јуни, на денот на манастирската слава, е извршено и осветувањето на конакот од страна на митрополитот Тимотеј во сослужание на митрополитите Наум и Иларион. Во состав на новиот манастирски конак има: голема гостоприемна соба, библиотека, манастирска кујна, трпезарија и соби за ноќевање.

Реконструктивните зафати, пак, во манастирската црква започнуваат во 2004 година и траат сè до 2011 година. За тој период изработен е нов иконостас, кој ја краси внатрешноста на црквата, дело на Тони Ристески од Прилеп. На иконостасот се наоѓа и чудотворната икона на Сите Светии. Во истата година е завршено и фрескоживописувањето на наосот и олтарот на манастирската црква, дело на зографот Славчо Петковски од Битола. Преосветувањето на манастирската црква „Си Свети“ се случи на 19 јуни 2011 година, на манстирската слава, а со чинот началствуваше архиепископот Стефан во сослужание на митрополитите Тимотеј и Агатангел.

На 10 јуни 2012 година митрополитот Тимотеј го освети и го положи камен-темелникот за изградба на нов параклис „Покров на Пресвета Богородица“ со што манастирскиот комплекс се збогатува со уште еден прекрасен духовен цвет во својот двор.

Со својот понатамошен опстој манастирот продолжува да биде вистинска матица околу која народот, од областа во која се наоѓа, продолжува да се собира и духовно да се нахранува.

Настојател на манастирот е јеромонахот Вартоломеј.