Исмаил Хаки теќе
Ова теќе му припаѓало на дервишкиот ред џелвети и било основано пред 1595/6 година. Се наоѓало во близина на рифаиското теќе, во некогашното маало Хатунџиклер. Хаџи Ајша Хатун била ќерка на Сатр Мехмед Челеби, и внука на Иса-бег. Била мажена за Адем-ага со кој имала син Мехмед Тахир-бег. Таа била роднина и на Јахја-паша. За прв шејх во својето теќе го поставила Исмаил Хаки. Тој бил роден во Цариград и се населил во Скопје. Бил голем теолог, работел на тефсирот (толкувањето на Куранот), и еден негов ракопис се чувал во теќето. Но, бил протеран од улемата поради ширење на ерес. Поради тоа фрлил клетва: „Еден дел од градот нека ти напредува, а другиот назадува!“ Долго потоа меѓу народот се слушало: „Нѐ стигна проклетството на Исмаил Хакија“.
Умрел во Тракија, во Серес. Хаџи Ајша Хатун увакуфила голем дел од својот имот на ова теќе. Глиша Елезовиќ пронашол длабоко закопани три камени плочи со натписи. Тоа биле гробовите на Ајше Ханума и двата нејзини брата. Сите три гроба се од иста година. Натписите гласат:
- „Рахметли Ајша Хаџи Мехмед, год. 1093. (1682)“.
- „Рахметли Мустафа син на Хаџи Мехмед, год. 1093. (1682)“.
- „Рахметли Ахмед син на Хаџи Мехмед, год. 1093. (1682)“.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer