Амамот Хуриет
Овој амам бил во употреба сѐ до земјотресот од 1963 година кога доста настрадал. Амамот се наоѓал во близина на Алаџа џамија и тоа од нејзината северна страна. Бил изграден по младотурската револуција во 1908 година чиешто име и го носел (Hϋrriyet Hamami), но не се знае точно кој го изградил. Кај муслиманското население во Скопје е зачуван споменот дека основач на овој објект бил извесен Ахмед-ефендија. Овој амам бил од типот на единечни амами. Над просторот за гардероба имал покрив на четири води со светларник на врвот. Останатите одделенија биле покриени на вообичаен начин, со куполи.