Австриски конзулат
Австрискиот конзулат бил изграден во втората половина на XIX век, како приватна сопственост на Битолскиот рентиер Икономов, што Австро-Унгарија го изнајмила за свое конзулско седиште во Битола. Во периодот на 1912 година, па сè до 80-ите години на иститот век, служел и како трговски и угостителски објект познат под името Магнолија. Делува монументално, има симетрично распоредени прозорски отвори. Општата концепција на објектот потсетува на медитеранската архитектура. Се наоѓа на улица „Широк сокак“ број 37.
Австрија заедно со Велика Британија се првите држави што отвориле дипломатско-конзуларни претставништва во Битола. Првиот дипломатски претставник на Австрија (од 1868 година Австро-Унгарија) во Битола бил Фридрих Ритер Маер.
За време на Илинеднското востание конзул бил Август Крал. Тој и рускиот конзул Александар Ростковски, според Крсте Петков Мисирков, биле најдобро информирани за случувањата во Битолскиот вилает. Август Крал е заслужен за материјалите што ги опфаќаат политичките, економските, трговските, културните, просветните, етнографските и статистичките прилики во Вилаетот, како белег за историјата на Македонскиот народ.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer