За основач на халветската гранка хајати се смета Пир Мехмед Хајати Хазретлери, кој бил роден во градот Бухара, денешен Узбекистан, во пошироката област на Хорасан. Точната година на неговото раѓање е непозната, но се знае годината кога се преселил на ахирет, а тоа е 1180 хиџранска година, односно 1766/1767 година по христијанскиот календар.
Според преданијата што кружат помеѓу хајатските верници, Пир Мехмед Хајати во Охрид сакал да основа теќе, но за такво нешто не добил согласност од градските власти, така што се повлекол, односно се населил во периферијата на градот, поточно во близина на денешната населба Воска.
Пир Мехмед Хајати, и покрај несогласувањето на охридските власти, не се помирил со нивната одлука, па затоа побарал помош, односно дозвола од властите во Истанбул да може да основа едно теќе. По извесен период, односно по третиот негов обид, од властите во Истанбул добил одобрение со кое му се дава дозвола да може да основа теќе во Охрид. Па така, во центарот на градот, во дворот на Зејнел Абедин-пашината џамија, каде што воедно се наоѓало и едно верско училиште – медреса, го основал теќето што по него го носи името Пир Мехмед Хајати.
Едно значајно прашање, кое сè уште со сигурност не може да се одговори, претставува точната година на доаѓањето на Пир Мехмед Хајати во Охрид, како и точната година кога ова теќе почнува со својата активност. На неколку места, меѓу кои и на таблата што се наоѓа на влезот од теќето, стои годината 1720, која, според некои, ја означува годината во која аситането почнува со својата активност, а според други, тоа е годината кога Пир Мехмед Хајати доаѓа во Охрид.
Охридското халветско теќе Пир Мехмед Хајати, всушност, претставува аситане, односно централно теќе на хајатите. Охридското аситане е местото каде што основачот на редот, Пир Мехмед Хајати, живеел, го создал овој дервишки ред, каде што го проповедал учењето, правел чудеса, каде што починал и е погребан и каде што се чува гробот како најголема светиња на овој дервишки ред. Терминот аситане е од персиско потекло и означува порта или праг. Во тасавуфот овој термин се користи за големи и централни теќиња. Всушност, охридското аситане претставува центар од каде што се создаваат хајатски шејхови, место од каде што може да се добие иџазет или хилафет, односно сертификат со кој се стекнува право, легитимитет, дозвола, одреден потенцијален шејх да може да основа теќе од оваа гранка и/или да седне на постот во определеното теќе и да раководи со полн легитимитет.
Аситането Пир Мехмед Хајати во Охрид се вбројува меѓу трите најрепрезентативни теќиња во Македонија, заедно со Харабати-баба теќето во Тетово и рифајското теќе во Скопје.
Денес теќето Пир Мехмед Хајати претставува архитектонско здание, еден комплекс составен од повеќе објекти. Најраспространет објект од текискиот комплекс претставува објектот што е наменет за извршување на верските обреди намаз и зикр. Оваа зграда ја сочинуваат повеќе простории или одделенија. Едно од нив е семахането, одделение во кое се извршува намазот, односно задолжителната молитва пропишана со шеријатот, која се извршува петпати дневно. Во оваа просторија, исто така, често се изведуваат и дополнителните молитви, т.н. нафиле, како што е техеџуд, и секако, препознатливиот обред, карактеристичен за дервишките редови, а воедно и за халвети-хајатите, тоа е зикрот.
Други простории што го надополнуваат овој објект се зимскиот и летниот кахве-оџак, каде што се подготвува кафето за шејхот, дервишите, но и за секој гостин присутен во теќето. Во овие простории се извршуваат разни активности. Покрај подготвувањето и пиењето кафе, тука се разговара за суштински прашања поврзани со тарикатот халвети-хајати. Понекогаш, особено во зимскиот период, во зимскиот кахве-оџак се извршува зикрот поради тоа што оваа просторија е најзатоплена.
Секогаш кога се влегува во кахве-оџакот, тоа се одвива по одреден ред и пропис. Секој што влегува во оваа просторија, откако ќе го поздрави шејхот и ќе му укаже почит преку поклон или нијаз, седнува на одредено место, секогаш на колена, и двете раце се положени на колената. Присутните верници седат во таа позиција сè до моментот додека не добијат знак или дозвола од шејхот со зборовите седете удобно (тур. rahat otur). Од тој момент верниците седнуваат покомотно, но секогаш се внимава табаните да не се свртени во правец на шејхот или кон другите дервиши во халката.
Зимскиот кахве-оџак, интересно е да се напомене, се користи од 7 ноември до 6 мај. По овој датум верниците се преместуваат во летниот кахве-оџак, кој се користи од 6 мај до 7 ноември. На некој начин верниците во хајатското теќе во Охрид се раководат по оној неформален модел на поделба на две годишни времиња, лето и зима. Имено, зимскиот период почнува од Митровден (тур. Kasım) и трае до Ѓурѓовден (тур. Hıdırlez), кога, пак, започнува летното полугодие.
Во просторијата кахве-оџак, најкарактеристичен, односно централен дел е самиот оџак, кој има големо значење за хајатите, по кој и оваа просторија го добила името. Оџакот е во употреба преку целата година, т.е. 365 дена. За него се грижи кахвеџи-деде, кој има задача секое утро, пред започнување на утринската молитва или сабах намаз, да го запали оџакот во теќето и да го подготви кафето.
Всушност, самиот оџак е можеби највиталниот дел од теќето, преку кој всушност се покажува животот во теќето. Имено, доколку од оџакот излегува чад, тоа значи дека теќето е сè уште живо и активно. Во спротивен случај, доколку не се појави чад од текискиот оџак барем еден ден, тоа е знак дека теќето згаснало и престанало со својата работа.
Една интересна карактеристика во врска со огнот во оџакот во охридското аситане претставува посебното внимание околу употребата на термините. Па така, хајатите никогаш не го користат терминот „палење на огнот“, туку „будење на огнот“, или на турски јазик ујанд’рмак (uyandırmak). Исто така, се избегнува да се користи фразата „гасење на огнот“; наместо тоа, тие го користат терминот „покривање“, или на турски јазик ортмек (örtmek). Преку употреба на ваквите фрази треба да се покаже дека огнот постојано се одржува во живот, тој може да заспие, но никако да се умртви, т.е. да изгасне. Аналогно на тоа, сè додека огнот се одржува во живот, воедно теќето и тарикатот живеат. Во спротивен случај, доколку навистина се изгасне огнот, тоа значи дека згаснал и тарикатот, односно теќето престанало со својата работа.
Покрај овие простории, исто така, во рамките на теќето се наоѓа гостинска соба или мисафир одаси (тур. misafir odası), која служи за пречек на гости, посетители во теќето, како што и самото име ни кажува. Како еден куриозитет, во оваа просторија биле пречекани разни видни личности, како на пример: турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, потоа, поранешните турски претседатели Абдулах Ѓул и Халил Тургут Озал, министерот за надворешни работи на Р Турција Ахмет Давутоглу, министерот за култура, а подоцна и министер за образование Хусеин Челик и многу други угледни личности.
Текискиот комплекс го сочинува и една градина во која се наоѓаат неколку гробови на покојници, кои од различна причина тука нашле вечно почивалиште. Во градината заедно со неговата сопруга е погребан Зејнел Абедин-паша. Нивните гробови се прилепени до минарето. Потоа, тука се наоѓа еден гроб на припадник на бекташкиот дервишки ред, за кој судбината одредила неговото вечно престојувалиште да биде ова теќе. За него се раскажува дека дошол во Охрид како посетител. Но, по еден трагичен настан, кога го прегазил пајтон во непосредна близина на теќето, било одлучено тука и да биде погребан. Неговиот мезар е препознатлив по обележјата карактеристични за бекташите, како што се таџот и теслим ташот.
Во еден период од неговото егзистирање, поточно од 1916 до 1918 година, охридското теќе или аситане било делумно оштетено од страна на Бугарите за време на нивното присуство на овие простори. Во списокот на оштетени објекти составен на 19 февруари 1916 година стои следново: „Бугарските војски срушиле еден дел од дуварот (ѕидот) на овдешното теќе, а каменот го употребиле за правење на скривница... За поправка на дуварот на теќето дадени се 500 динари“ (Фонд: Вакафско поверенство – Охрид, Државен архив на Република Македонија, Одделение Охрид,)
Комплексот на теќето е надополнет со семејната куќа на шејхот (факсимилски обновена кон крајот на 20 век) која со своите амбиентално архитектонски и уметнички вредности (резбани таваници, стари предмети, библиотека со ретки книги...) е неодвоив дел од духовниот и верскиот живот на теќето.