Во рамки на охридското теќе, се наоѓа турбето кое е лоцирано на левата страна од влезот. Тука е погребан основачот на ова теќе Пир Мехмед Хајати Хазретлери, кој воедно е основач и на тарикатот халвети-хајати.
Исто така, тука се погребани и другите заслужни шејхови што раководеле со теќето, па дури и дел од упокоените членови на нивната потесна фамилија. Токму турбињата ни укажуваат на поврзаноста, посветеноста и преданоста на Пирот и шејховите кон теќето, така што, дури и по нивната смрт, тие остануваат вечно поврзани за теќето.
Турбето е составено од два дела. Во едниот дел, покрај мезарот на Пир Мехмед Хајати, основачот на теќето, но и на дервишкиот ред халвети-хајати, се наоѓаат и гробовите на следниве шејхови: шејх Осман (по видение, додека вистинскиот гроб му се наоѓа во Ќустендил), шејх Абдулќерим, шејх Муртеза, шејх Нене-валиде (сопругата на шејх Абдулќерим, Алемшах-валиде).
Во вториот и помал дел се наоѓаат гробовите на: шејх Абдулселам и шејх Абдулхади, кои се одвоени од левата страна, додека во другиот дел се наоѓа гробот на двете шејхани, или шејхвалиде (мајка) Сервет-хан’м и шејхвалиде Шерафет-хан’м. До нив е мезарот на шејх Мустафа, па следи шејх Тахир Хафиз, шејх Мехмед Зекерија, заедничкиот мезар на шејх Абдулкадир и шејхзаде Ќучук Мехмед, потоа следи мезарот на шејх Мехмед (Хамди) и на крајот се наоѓа мезарот на шејх Исмаил Хаки.
На некој начин останало како непишано правило шејхот, кој вистински се посветил на патот, кој бил добар служител во теќето, засекогаш да остане поврзан со тоа светилиште, така што, по преселување на ахирет, неговиот вечен дом да биде во текискиот комплекс, а неговиот мезар вечно да го краси теќето.
Овие мезари, особено мезарот на Пир Мехмед Хајати ужива големо почитување кај муслиманскиот свет, и кон нив верниците се однесуваат со особена почит или страхопочит. Овие мезари се прекриени со текстилен материјал, чоја, додека пак на горниот дел се наоѓа таџот на шејхот и рида-и шериф (шалот на шејхот). Чојата на сите мезари се вади двапати годишно, односно се носи на перење. Тоа се прави во периодот пред двата најголеми верски празници, Рамазан бајрам и Курбан бајрам. Оваа активност, всушност, е задолжение на шејханата и на жените од шејховската фамилија.
Покрај овие задолжителни делови што го красат мезарот преку целата година, понекогаш нив ги красат и пешкири или разни памучни ткаенини што ги носат поединци барајќи дерман од Пирот за одредена мака што ја имаат, или едноставно носат за лично здравје, како и за здравје и бериќет на фамилијата. Не ретко се случува турбето да го посети и некој христијанин што има особено почит кон Пирот и другите евлии чии мезари се наоѓаат во турбето.
Многу луѓе доаѓаат, се молат на мезарите и бараат помош за одредена потреба, болни, страдалници, ужалени. Тие оставаат на гробовите некој дел од својата облека да преноќи една вечер во турбето. Тоа најчесто го прават во четврток навечер, да преноќи на мезарот, а потоа во петок доаѓаат и ги земаат назад. Ги облекуваат и на тој начин цврсто веруваат дека ќе се избават од болеста, тагата, опасноста, злото итн.
Секој ден во турбето се пали светло или им се прави нур на евлиите. Оваа должност им припаѓа на членовите на шејховската фамилија, кои секоја вечер, од акшам намаз до јација намаз ги палат светлата во турбето.
При влегување во турбињата има посебен тертип на кој се влегува и посебни дови или молитви што се упатуваат. Затоа, влегувањето во турбето секогаш е проследено или придружено со одреден дервиш, кој е задолжен за таа работа, кој знае како треба да се изврши тертипот на влегување и упатување салавати, дови и почести кон Пирот и кон другите еренлери.